МЦМС на 23 февруари 2012 година организираше обука на тема „Методологија за проценка на отвореноста на државните институции“. Обуката беше наменета за претставници на граѓанските организации кои се активни во процесите на креирање политики и закони на национално ниво и кои имаат претходно искуство во јавно учество во процесот на подготовка на закони. Обуката ја водеше Тина Дивјак од Словенечкиот центар на невладини организации (ЦНВОС) од Љубљана.
На обуката учесниците се запознаа со методологијата за мерење на отвореноста на институциите во однос на вклучување на јавноста во процесите на подготовка на закони, со што беа опфатени индикаторите кои што ќе бидат мерени во рамките на проектот. Учесниците дадоа и свој придонес во прилагодувањето на одредени индикатори кои што биле користени во анализата во Словенија со цел тие да бидат прилагодени на контекстот во Република Македонија.
За Миша Поповиќ од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ од Скопје (ИДСЦС) обуката беше многу корисна бидејќи знаењата ќе може да ги примени и во тековниот проект на ИДСЦС кој се однесува на вклучување во процесите на креирање политики на локално ниво.
Обуката е дел од проектот „Огледало на Владата: учество на јавноста во процесите на подготовка на закони” кој е поддржан од Европската Унија од инструментот за човекови права и демократијата (ЕИДХР). Преку прилагодување на методологијата развиена од Словенечкиот центар на невладини организации (ЦНВОС) од Љубљана за проценка на отвореноста на владините институции, која успешно се спроведува во последните неколку години во Словенија, целта е да се зголеми соработка на граѓанските организации со органите на државната управа во процесите на креирање политики и подготовка на закони. Проектот се спроведува во партнерство со Словенечкиот центар на невладини организации (ЦНВОС) од Љубљана и Балканска мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН).